Сценска адаптација на обредите и ритуалите – регенерирање на минатото – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/19 7:38 AM

Сценска адаптација на обредите и ритуалите – регенерирање на минатото

Снежна Битола не ја намалува инспирацијата на креативците од овој град, или како што вели нашиот соговорник Валентин Соклевски, магистер по етнокореологија, ова е време кога дома покрај каминот, се дума за нови сценски адаптации инспирирани од богата македонска фолклорна традиција.

Вработен како стручен соработник за фолклор и музичко сценска дејност во НУ Центар за култура-Битола, Соклевски речиси 30 години е посветен на народната игра и уметност, од 1990 година членува во КУД „Илинден“-Битола, и денес е член на селективната комисија и режисер на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, а во оваа прилика говори за сценските адаптации на традиционална музика и игра, тема, негов личен и посебен предизвик.

-Традицијата, односно народната култура изобилува со обичаи, обреди, ора, песни, инструментални и вокални содржини кои живеат и денес, а дел се изгубени во колективната меморија. Но, нивното егзистирање продолжува со пренесување на сеќавања и раскажување од постарите генерации. Токму тоа овозможува да се добијат податливи содржини, вредни за создавање на сценски адаптации кои би ги презентирале традиционалните групи и ансамбли на сцената и во тој процес на едукација и презентација би се овозможило живо егзистирање на духовното, и дел од материјалното културното наследство. Истражувачите забележале дека уште пред 80 години, во триесеттите години на минатиот век, Селското друштво на народни игри од село Раштак, Скопска Црна Гора, народните играчи од Лазарополе и Русалиите од Миравци учествувале на народни фестивали на Балканот и пошироко и ја презентирале својата традиција.  Тоа биле оригинални, вистински изведби кои играорците, обични луѓе од наведените средини, играле на фестивалските сцени како што играле дома, на средсело, за време на слави и прослави, со сета своја автентичност и оригиналност, појаснува Соклевски.

Подредувајќи ги фотографиите од разни фестивали, нашиот соговорник потсетува на методологијата за правилно поставување на сценска адаптација која според Соклевски треба да содржи просторни, ритмички и стилски карактеристики на материјалот што ќе се прикажува.

– Како автор на сценските адаптации Русалиски ора (2012), Лазарски песни од Бојмија (2012), „Лазара“ од  селата Гермијан, Бач и Живојно (2013), „ Градски селски Велигден“ (2014), „На паниѓир“ (2015), „Охридски староградски игри и песни“ (2015) и битолската „На визита“ (2016), сметам дека преку сценските адаптации успеав да реактуелизирам традиционални содржини од минатото време во сегашноста, и на тој начин да овозможам нивно живо егзистирање во ансамблите за традиционална музика и игра, а преку јавноста и во пошироката заедница. Таков е примерот со последаната адаптација на староградски песни и игри од битолско „На визита“ која неодамна повторно прекрасно беше изведена на целовечерен концерт во Битола, која овозможува сегашност на некое минато време и реактуелизирање на настан кој често се повторува и посебно се негува во нашиот град. Таков е случајот и со другите адаптации меѓу кои би ја издвоил сценската адаптација на „Русалиските ора“ во која автентично се претставувени крактеристичните ора од Русалиската традиција како што се „Маршот“, „Кушијата“, „Али Коч“, „Сечи моме“, „Кара Јусуф“, „Бела Јана“ и „Менка“.`

Соклевски има широк опфат на неговите теренски истражувања, а се базира и на релевантна литература бидејќи како што вели тоа е исклучително важно за пренесување на содржините од изворниот амбиент на сцената, како најважен а истовремено најтежок проблем за сценска примена на фолклорот.

-Секогаш треба да се внимава на секој детаљ. Така беше и за сценската адаптација на „Охридски староградски песни и игри“ кои се посветени на Богојавление, празник со долга традиција во Охрид и Охридско. Во рамките на обичајот човекот кој ќе го извади крстот од водите на Охридското езеро заедно со својата тајфа и група музичари чалгии шета од куќа до куќа низ Охрид при што луѓето го бакнуваат крстот за здравје и го даруваат со пари. На крајот од денот друштвото прави веселба со песни и игри како што се познатите ора „Велгошко“, „Калајџиско-Сирто“, „Чамче“…и песната „Бог да бие Русе“. Токму тој сегмент од Богојавление е разработен во сценската адаптација „Охридски староградски игри“. При презентација на „Охридските староградски игри и песни“ користени се копии на староградски женски и машки костими кои што биле карактеристични за првата половина на 20. век, а со цел да се презентира ентериерот на Охридската куќа користени се маси и столици, послужавници, сервис од стаклени чаши и шишиња  исто така од периодот на првата половина на 20. век, појаснува Соклевски.

Дефинирајќи ја сценската адаптација како процес на приспособување на одреден настан, случка од секојдневниот живот, или било кој вид творештво, на условите во местото каде што ќе биде претставено, реконструирано, м-р Соклевски не пропушта да заклучи дека сценската адаптација претставува аргументиран преглед на обред, ритуал, оро и песна.

-Сценската адаптација може да се спореди и со фотографски пресек на содржината, на временскиот период кога таа се практикувала или на просторот каде се одвивала, односно на средсело, во куќа или храм. Се треба да биде автентично, вклучувајќи ја и облеката, инструментите, алатките…тука е моќта на креативниот дел, да се дојде до вистинско решение во кое е содржана квалитетна, реална и автентична презентација на традиционалната содржина, бидејќи ритуалот е строго програмиран, вели Соклевски.

Освен на сценски адаптации, м-р Валентин Соклевски е автор на кореографски постановки инспирирани од традиционалната музика и игра како што се „На бачило“ од Свети Николе (1993), „Детски игри од Радовишко“ (1994), детска игра „На ливада“ од Кумановско (1995) и „Моштенски собор“ – Леринско Поле (2009), но и автор на кореографии во театарските претстави „Бегалка“, „Отепвачка“, „Љубов и пијано“, „Фул Хаус“, „Том Соер“ и „Хајди“ кои биле на репертоарот на НУ Народен театар-Битола.

МИА