Средба: Џафери-Ерјавец – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/19 5:15 PM

Средба: Џафери-Ерјавец

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за одбрана на Република Словенија Карл Ерјавец, кој престојува во официјална посета на нашата држава.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, се заблагодари за поддршката што Република Словенија ја дава за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

– Неговата посета во овој клучен момент за Република Македонија, кога Амбасадата на Република Словенија станува контактна точка за НАТО, е уште една потврда за пријателството меѓу двете држави кое се негува со децении, истакна претседателот Џафери.

Тој го информираше Ерјавец за процесот на уставните измени и за реформските процеси во Собранието на Република Македонија во контекст на процесот на пристапување во НАТО и изрази надеж дека најдоцна до почетокот на наредната година земјата и официјално ќе биде триесеттата земја членка на НАТО.

Министерот Ерјавец, како што се наведува, го изрази своето уверување за скорешното членство на Република Македонија во НАТО, што секако ќе придонесе за стабилноста во безбедносен аспект на државата, но и за стабилноста во економска смисла, со што ќе се овозможат поголеми перспективи за младите.

Балканот се уште не е стабилен, нагласи министерот Ерјавец, а членството на Република Македонија ќе биде позитивен сигнал во таа насока. Според него, потешкиот дел од работата доаѓа по членството во НАТО, кога ќе биде потребно да се преземат поголеми реформи и да се обезбеди соодветен процент од буџетот за одбраната, за што рече тој, Република Словенија стои на располагање да ги понуди сите свои ресурси и експертиза.

– Соговорниците беа едногласни дека одличните билатерални односи, без отворени прашања, треба да бидат зајакнати во процесот на хармонизацијата со законодавството на ЕУ, како и во доменот на економијата, животната средина и другите области од заемен интерес, по принципот на научени лекции и добри практики во процесот на пристапување на Република Македонија за членство во Европската унија, се вели во соопштението од Собранието на Република Македонија.