Забранетите мобилни телефони по затворите „дозволена стока“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/19 1:43 PM

Забранетите мобилни телефони по затворите „дозволена стока“

Само два часа по рацијата и запленувањето на три мобилни телефони и пет сим картички во штипскиот затвор, петмина затвореници објавија видео од просторијата за дневен престој, каде се забарикадираа и упатија барања до управата. Како се случи да дојдат до мобилен телефон, чија употреба е забаранета  и преку интернет да контактираат со јавноста, останува непознато.

Претресот во затворските простории се одвивал околу 15.30 часот, во саботата на 19-ти јануари, а веќе околу 18 часот петмина затвореници се затворија во собата за дневен престој од каде испратија видео снимка, во која тврдат дека немаат права. На видеото се гледа испревратен и искршен мебел. По два часа преговори, вратата е отворена, а на повредените затвореници им е пружена лекарска помош. Директорот на Затвор Штип, Мики Тодоров, вели дека затворениците се самоповредиле. Затворениците биле предупредени дека кревањето бунт е кривично дело, за кое следува казна затвор во траење од шест месеци до три години затвор.

Претпладнето вратата на просторијата за дневен престој беше затворена, додека да дојде комисија за да ја утврди штетата.   Оваа просторија е една од трите во затворот и  ја користат 20 затвореници од првото крило.  Токму во оваа просторија претходно биле пронајдени трите мобилни телефони и петте сим картички.

Во штипскиот затвор нема блокатори за мобилен сигнал. Одамна бил направен обид да профункционира системот за блокирање на сигналот, но, до ден денешен тоа не е направено. Тодоров потврди дека редовно се прават претреси на келиите и сите други простории што ги користат затворениците. Сепак, јасно е дека пазарот на мобилни телефони е активен.

Во октомври минатата година полицијата поднесе кривична пријава против затворскиот надзорник Б.Б. (30) за примање поткуп од 150 евра за внесување на мобилен телефон во затворот.

Надзорникот се’ ушт е во куќен притвор во исчекување да се закаже судењето.