Со богојавленскиот крст во хуманитарна акција – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/19 12:27 PM

Со богојавленскиот крст во хуманитарна акција

Седумнаесет годишниот Дарко Недев од Кавадарци кој на празникот Богојавление – Водици го извади светиот крст од реката Луда Мара ја спои религијата со хуманоста. Тој заедно со членовите на навивачката група „Лозари Исток“ од Кавадарци веќе два дена е во хуманитарна акција за да се обезбедат пари за Драгана Малкиќ, млада кавадарчанка на која и е потребна операција во Германија.

„Јас ова година решив да се пријавам да  се натпреварувам за да го фатам крстот,а тоа го направив затоа што имав претчувство дека ќе го фатам. Со господова помош успеав , но потоа решив да помогнам некому. Наместо да одам по куќите на граѓаните и парите да ги ставам в џеб, се одлучив на оваа можност, кој сака да го допре  крстот  да донира колку сака , а така сите пари ќе ги наменам за ова хуманитарна активност, која нема да можев сам да ја организирам. Многу ми помогна навивачката група Лозари-Исток, чиј член сум и јас. Тие ми се голема поддршка, и  всушност и ми го дадоа предлогот. Од Црквата ќе побараме дозвола ако може крстот да остане уште некој ден за да ја спроведуваме ова акција со цел да соберам повеќе пари за Драгана“ вели младиот кавадарчанец.

Вчера на плоштадот во Кавадарци  граѓаните имаа можност да го целиваат Светиот богојавленски крст и да донираат.

„Вчера собравме 1300 евра. Ќе продолжиме и понатаму и во наредните денови ќе одиме по фирмите. Се надевам дека ќе ги собериме потребните уште 5 илјади евра“ нагласува Недев.

И покрај задоволството од огромниот одзив, од навивачката група Лозари информираат дека и во наредниот период ќе продолжат со хуманитарната акција се со цел што побрзо да се соберат уште 5000 евра кои се потребни за операцијата на Малкиќ.

 

Ангел Данов