Фото: Susan Walsh/AP
Функционери од американската администрација планираат вториот самит на претседателот на САД, Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг–ун да се одржи во Виетнам – информира „Блумберг“, повикувајќи се на неименувани извори упатени во плановите за средбата.
Самитот, кој е планиран за февруари, веројатно ќе се одржи во главниот град на Виетнам, Ханој. Сепак, како можна локација за најавената средба се разгледува и Дананг, каде во 2017 година беше одржан состанок на земјите учеснички на форумот за азиско-пацифичка економска соработка, како и градот Хо Ши Мин во јужниот дел на земјата, наведува американската агенција.
Трамп во саботата вечер изјави дека „работите со Северна Кореја одат многу добро“ и оти планира да одржи и втор самит со лидерот на земјата Ким Џонг-ун, на кој ќе се направат обиди да се обезбеди договор со кој Северна Кореја ќе се поттикне да се откаже од нуклеарното оружје.


