Самитот во Давос без „петката“ од Советот за безбедност на ОН – ММС
ММС

Објавено на: 01/21/19 8:48 AM

Самитот во Давос без „петката“ од Советот за безбедност на ОН

Почнувајќи од утре па до 25 јануари, во Давос ќе се одржува Светскиот економскио форум, каде светските челници ќе зборуваат за стратегии за иднината, во обид да најдат одговори за актуелните проблеми. Годинава, состанокот на Светскиот економски форум во Давос ќе се фокусира на долгорочни глобални проблеми како климатските промени – најавуваат организаторите. На собирот се најавени околу 3000 учесници, но меѓу нив нема да се најдат дел од клучните светски лидери, меѓу кои шефовите на држави на САД, Франција, Русија и Кина.

Американскиот претседател, Трамп откажа присуство во Давос поради блокадата на владата заради изградбата на ѕидот на границата со Мексико, додека неговиот француски колега Емануел Макрон има работа со протестите на „Жолтите елеци“.

 

На Форумот на бизнис лидери и политичари во швајцарските Алпи, ќе присуствуваат германската канцеларка Ангела Меркел, јапонскиот премиер Шинѕоп Абе, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и авганистанскиот претседател Ашраф Гани.

Темата на овогодишниот состанок е: „Глобализација 4.0 – Обликување на светската архитектура во време на четвртата индустриска револуција“.

Високи претставници на меѓународни организации, како што се директорот на ММФ, Кристин Лагард, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и на НАТО, Јенс Столтенберг, во Давос ќе се соочат со опасностите од појавата на целосна трговска војна и зголемената политичка тензија помеѓу светските сили, како што беше предупредено од извештајот на Форумот, објавен во пресрет на собирот.

За Давос патува и српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој во изјава за РТС најави дека таму меѓу другото, ќе се сретне со еврокомесарот, Јоханес Хан:

„Со Хан веќе имам потврден состанок, а ќе имам состаноци и со многу други политички лидери. Тоа се состаноци во насока на привлекување инвеститори. Првите разговори за доаѓање на инвеститори од Кина доаѓаат токму од Давос. Таму може да се остварат многу важни средби и да се претстави Србија во многу добро светло. Србија покажа каква почит заслужува со посетата на Путин. Ќе има многу средби, ќе биде напорно и тешко, но ќе биде добро за Србија“.

Анкетата што ја спроведоа организаторите на Форумот меѓу илјадниците креатори на политиката, академици и бизнис лидери, според американскиот „Волстрит Џурнал”, покажува дека кибер-нападите и климатските промени се високо на листата на потенцијални опасности.

Но, до 25-ти јануари, учесниците на о тешко дека ќе најдат решенија за тие сериозни глобални ризици. Дури и девет од десет испитаници очекуваат дека односите меѓу водечките светски сили ќе се влошат во 2019 година. Покрај тоа, 88 отсто од нив очекуваат понатамошна ерозија на мултилатералните трговски прописи и договори.