Влада: Јавноста ќе биде информирана за бегството на Груевски, откако ќе заврши истрагата на Обвинителството – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/19 4:50 PM

Влада: Јавноста ќе биде информирана за бегството на Груевски, откако ќе заврши истрагата на Обвинителството

Јавноста ќе биде информирана, но пред тоа ЈО мора да ја заврши истрагата, пред правдата ќе бидат изнесени сите што учествувале или го помагале бегството на осудениот Груевски – соопшти денеска Владата откако десетина граѓански организации повикаа на политичка одговорност во врска со неготово бегство.

Владата на Република Македонија потенцира дека истрагата што ја води Јавното обвинителство мора да заврши пред да се објавуваат детали во јавноста, особено заради тоа што се работи за деликатни истражни дејствија за кои постојат индиции дека инволвираат граѓани на трети земји. Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата која ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото – велат од Владата.

Оттаму укажуваат дека е неопходно целосно затворање на сите прашања во истрагата за да се добијат одговори кои недвосмислено и без сомнеж ќе ја прикажат комплетната слика и сите инволвирани.

Согласно надлежностите и процедурите, со реконструкцијата на бегството и укажувањата на помагателите, базирани на основани сомневања, поткрепени со докази, прво треба да излезе Јавното обвинителство.

Иако МВР досега не излезе со детали за бегството на поранешниот премиер, Владата тврди дека овој ресор предводен од Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата за утврдување на начинот на кој осуденото лице ја напуштило територијата на Република Македонија. Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди,  ги завршува истрагите за можна инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи – Скопје за начинот на бегство и можните помагатели.

Откако ќе биде заокружена и комплетирана истрагата, со потврдени и докажани дејствија, јавноста во Република Македонија ќе биде соодветно информирана.