Државите од Европската унија трошат милиони, вработуваат илјадници работници и итно даваат секакви дозволи за да се справат со се поголемата веројатност дека на 29 март Велика Британија ќе ја напушти Унијата без договор, и најверојанто – без план. Брегзит без договор може да ја погоди Европа на начин на кој досега не е виден, од хаос во авионскиот сообраќај до паразлизирани пристаништа и милиони работници оставени во правна несигурност.
Франција ќе потроши 50 милиони евра за засилување на безбедноста на аеродромите и во тунелот под Ламанш, каде минува една четвртина од трговијата меѓу Британија и ЕУ.

Португалија пак, отвора специјални ленти на аеродромите за британските патници кои се главен „извор“ на туристи. Холандија бара квалификувани ветеринари кои ќе извршуваат нови проверки за увоз на животни. Дополнително, холандската царина има распишано оглас за прием на 900 нови службенции. Владата направи онлајн контролен список на холандски компании што работат со Велика Британија – околу 350.000 од нив немаат искуство со работа со држави вон единствениот пазар на ЕУ.
Во меѓувреме, Германија итно разгледува како да се решат бирократските проблеми ако има Брегзит без договор.
Владите подготвуваат правила за британските граѓани кои живеат и работат во нивните држави, за периодот кога веќе нема да бидат под правилата за престој на ЕУ. Тие се надеваат дека и Лондон ќе го направи истото за нивните граѓани.
Велика Британија со цел да го ублажи „ударот“ по напуштањето на ЕУ, планира да потроши неколку милијарди фунти.
Во Берлин вчера парламентарците разгледуваа нацрт закон за решавање на бирократските проблеми што ќе произлезат од Брегзит.
Чешка и Словачка подготвуваат закони за уредување на краткорочните права за британските граѓани при брегзит без зделка, додека Холанѓаните ќе им дозволат на Британците да останат 15 месеци и можност да добијат решение за престој.
Во Велика Британија Владата објави дека става делови од армијата во готовност за постојана служба во случај на напуштање без договор. Властите во Лондон велат дека граѓаните од ЕУ ќе може да останат времено и покрај Брегзит без договор.
ЕУ досега издала 88 насоки како конкретни сектори да се справат со веројатни итни ситуации што ќе произлезат од Брегзит.


