Клучен ден во Милано: Се чека Газидис, Пјатек е тука, познати се сите детали за трансферот – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/19 2:22 PM

Клучен ден во Милано: Се чека Газидис, Пјатек е тука, познати се сите детали за трансферот

Се е подготвено за активација на бомбастичниот трансфер од Џенова во Милан на Кшиштов Пјатек. Гонзало Игуаин денеска пристигнува во Лондон да го заврши трансферот во Челзи, а во Милано само се чека уште зеленото светло на новиот директор Иван Газиди со цел „Росонерите“ конечно да добијат напаѓач на долги патеки.

За денеска е закажан клучниот состанок меѓу Леонардо и Енрико Прециози, кога ќе си пружат рака за договор и така ќе го завршат трансферот кој во Милан долго време се чека. Последната „пречка“ на патот на оваа операција доаѓа токму од „Каза Милан“, односно Иван Газидис, кој треба да даде зелено светло за овој трансфер да се заврши, како човек кој сега најмногу се прашува во клубот.

Во меѓувреме Леонардо и Прециози работеа до последни детали со цел се да биде договорено на време и им одговара на сите страни. Прециози беше тврд преговарач, но попушти поради добрите односи со Милан, на кого ќе му помогне да се провлече низ комплицираната приказна со финансискиот фер-плеј. Трансферот, како што и претходно се пишуваше, ќе биде завршен на 40.000.000 евра, со тоа што Милан прво ќе го земе Пјатек на шестмесечна позајмица по цена од 15.000.000 евра, а потоа ќе го откупи полскиот голгетер за 25.000.000 евра, плус богати бонуси. Се на рати. Пјатек беше на радарот и на Реал Мадрид, но пресуди желбата на полскиот напаѓач постепено да ја гради својата кариера и да продолжи да се докажува во Серија А. Исто така постоеше страв кај него дека трансферот во Реал Мадрид ќе биде потег во погрешна насока, бидејќи не би имал гарантирана минутажа. Тоа во Милан ќе го има по заминувањето на Игуаин, а пак би играл во голем клуб со богата историја.

Џенова, инаку, последниве денови одби две официјални понуди од Вест Хем за Пјатек. Но, не е откриено за колкава сума станувало збор.

Она што е интересно се деталите од договорот на Пјатек со Милан. Две години и плата од 2.000.000 евра.

Истовремено, во директорскиот пул на Милан виден е и сериозен конфликт и тоа на релација Малдини – Газидис. Причината е Месут Озил. Унаи Емери е подготвен да се откаже од германскиот играч за врска и тоа наводно веќе до 31. јануари, што Малдини сака да го искористи и да го доведе во Милано. Меѓутоа, вето на овој трансфер става Газидис, инаку довчерашен директор на Арсенал. Газидис смета дека озил никако не би се вклопил во новата приказна на Милан и дека клубот нема финансии да му излезе во пресрет на најплатениот играч на Арсенал. Тој неделно инкасира преку 400.000 евра на „Емирати“, а последните месеци неговата кариера најмногу се сведе на проблеми со грбот и мускулите, но и активностите надвор од теренот.

Останува да се види како оваа приказна ќе се заврши, но засега во Милано може да се слави, бидејќи пристигнува Пјатек.

Преземено: Спорт Клуб