Во Гана убиен новинар кој истражувал корупција во фудбалот – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/19 2:03 PM

Во Гана убиен новинар кој истражувал корупција во фудбалот

Во предградие на главниот град на Гана, Акра во средата е убиен новинарот Ахмед Хусеин Суале кој бил на тајна задача, односно истражувал корупција во фудбалот. Убиството следува еден ден откако пратеник повика на одмазда против него.

Хусеин-Суале додека беше на тајна задача објави текстови кои доведоа до укинување на Фудбалскиот сојуз на Гана. Би-Би-Си во 2018 година сними докумнтарен филм за скандалот, откако доби пристап до истрагата што ја водеше контроверзниот новинар Анас Аремајав, кој раководи со „Окото на тигарот“.

Откако Би-Би-Си го емитуваше филмот, пратеникот во Парламентот на Гана, Кенеди Агјапонг објави фотографија од Хусеин-Суале и повика на одмазда против новинарот.

Хусеин-Суале соработувал и со Би-Би-Си, меѓу кои и на сторијата за продажба на делови од човечки тела за ритуална магија на Малдиви.

Насилството врз новинарите во Гана е ретко. Меѓународното здружение на новинари наведува дека последен пат во Гана убиен е новинар во 2015 година, а во текот на 2017 година ширум Африка убиени се осум новинари.