ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави против Џафери, Ибраими и Костовски – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/19 1:32 PM

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави против Џафери, Ибраими и Костовски

ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе кривични пријави против Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела „Злоупотреба на службената должност и овластување” по член 353, „Злосторничко здружување” по чл.394 и „Саботажа” по чл.315 од КЗ. Ова следува по објавувањето на Законот за двојазичност, за кој опозицијата смета дека е штетен.

„Дополнителен проблем е што Законот е донесен на начинот на кој што се донесува е насилнички и недемократски. Доколку ваквото самоволие на власта реализирано преку поединци остане неказнето, огромен е ризикот преседанот во иднина да се претвори во правило“, изјави денеска генералниот секретар, Игор Јанушев.

„Џафери, Ибраими и Костовски, свесно и со целосна умисла извршиле низа кривични дела при што ја злоупотребиле службената положба и овластување и го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на државата. Истите на нечесен и подмолен начин, спротивно на уставот и законите овозможиле објавување на законот за двојазичност без потпис од Претседателот на Републиката, со што се воведува неуставна двојазичност. Власта, иако свесна дека врши противправно дејствие и дека законот за двојазичност е неуставен, факт кој беше нотиран и од Претседателот на  државата, но и од страна на многубројни еминентни правници одлучи да продолжи насилнички и незаконски, додаде Јанушев.

Според него, Џафери, Ибраими и Костовски извршиле свесно загрозување на уставниот поредок бидејќи како што нагласува тој,  јасно е пропишана процедурата за прогласување на законот. Пријавените, свесно спротивно на Уставот на Република Македонија, со прогласувањето и стапувањето на силата на Законот за употреба на јазиците, воведуваат двојазничност на цела територија на Република Македонија, со што го рушат Уставниот поредок на државата.

„Го повикуваме Јавното обвинителство да се ослободи од политичките притисоци и веднаш да постапи по оваа кривична пријави за да се елиминираат штетите по државата нанесени од страна токму на Џафери, Ибраими и Костовски. Во моментов во процес на подготовка е и поднесокот до Уставен суд кој во понеделник ќе биде процесуиран, а со кој ќе побараме испитување на уставноста на законот за двојазичност, но истовремено бараме и изрекување на времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот“, потенцираат од најголемата опозициска партија.