Топењето на снегот – потенцијална опасност за поплави во Пелагонија – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/19 10:24 AM

Топењето на снегот – потенцијална опасност за поплави во Пелагонија

Максимумот на акумулацијата „Стрежево“ е 120 милиони метри кубни вода, а во моментот таа изнесува 70 милиони. Топењето на големите количини снег кои наврнаа во битолско, ќе донесат и зголемување на водата во Стрежевското езеро. Тоа значи дека во 2019-та година нема да имаат проблеми со испорака на вода до корисниците, но штом достигне 95 милиони метри кубни вода, водата ќе почне плански да се испушта за да се заштити Пелагонија од поплави, вели Менде Граматковски, директор на ЈП „Стрежево“.

-Снегот ќе ја наполни акумулацијата со максимална кота и за наредниот период очекуваме да почниме со планско испуштање на вода за правење на електрична енергија, односно вклучување на хидроцентралите. Кога ќе достигне акумулацијата 95 милиони тогаш плански ќе ја испуштаме водата за да можеме да ја заштитиме Пелагонија од поплави, вели Менде Граматковски, директор на ЈП „Стрежево“.

Опасноста од поплави ја демне Пелагонија, а кон тоа придонесуваат и нечистите канали. Раководителот на подрачната агенција за развој на земјоделието во Битола, Зоран Бардаковски апелира до земјоделците.

–Она што може да се препорача да се одржуваат чисти каналите за одводнување бидејќи кога ќе настане топењето на снегот, да може водата а да се исцедува од површините, истакна Бардаковски.

Она што е позитивно од снегот во Пелагонија е што температурите од минус 20 степени кои ја зафатија најголемата житница, нема негативно да влијаат врз житните култури, велат од подрачната единица на Агенцијата за развој на земјоделието во Битола. Дебелата снежна покривка ќе ги заштити од студовите, ќе одржува константна температура, но и ќе ги надополни резервите на влага во почвата.