Академскиот сликар Владимир Темков одбележува четири децении творештво – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/19 8:11 AM

Академскиот сликар Владимир Темков одбележува четири децении творештво

Четири децении ликовно творештво и шест децении од животот ќе одбележи вечерва академскиот сликар од Кавадарци, м-р Владимир Темков. Во домот на културата ќе биде отворена изложба на најнови негови дела. За делата ќе говори академик Блажо Боев.

Темков е посебно горд на овој јубилеј кој го прославува со самостојна изложба во неговиот град.

Првата слика која ја направив многу ми се допадна. Радосен од таа слика ја направив втората. Втората ми даде поттик да создадам и трета. И кога ги погледнав сите три,  видов дека тоа е тоа што јас го барам во овие 40 години од моето творештво  и со полна енергија тргнав да ги стварам сите овие шеесет дела. И таа симболика на шеесет години шеесет дела, шеесет радости е поставена во галеријата на домот на културата“ вели Темков.

Творештвото на Темков е под впечаток на неговите внатрешни експресии настанати при неговото соочување со убавините на природата.   Светот на птиците  често се забележува во неговите слики.

Владимир Темков е роден во Кавадарци, 1959 година. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, каде што ги завршил и магистрските студии на отсекот сликарство. Првата самостојна изложба ја имал во 1983 година во Музеј галерија во родниот град Кавадарци, а досега имал 40-ина самостојни претставувања во Македонија, Бугарија и Хрватска.

Ангел Данов