Економијата повторно тема на партиски препукувања. Власта тврди дека економијата заздравува, опозицијата обвинува за сиромаштија.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов вели дека бројни се економските показатели кои како што нагласува тој, докажуваат дека економијата се движи во вистински правец:
„Растот на просечната плата во 2018 година изнесува 5,7 отсто и е за дури трипати поголем од просечниот раст во последните пет години, покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии. Платите растат, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните, во секое семејство. Напредокот во интеграцијата кон ЕУ и НАТО ја врати довербата во македонската економија, го врати оптимизмот кај инвеститорите. Доказ за тоа е растот на прометот на Македонската берза кој во 2018 бил за речиси 120 отсто поголем од прометот остварен во 2017 година“.
Од ВМРО-ДПМНЕ сепак се на став дека граѓаните се се’ посиромашни.
Нема просечна плата од 500 евра, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема 600 километри автопати, ниту поврат на ДДВ од 15% за граѓаните. Инвеститори нема, туку само празни најави на СДСМ дека сега откако се смени името на земјата ќе имало навалица на странски инвеститори. Го нема ниту Гугл, ниту Мајкрософт – вели опозицијата.


