Откако владиниот портпарол, Мухамед Хоџа одговарајќи на новинарско прашање дали институциите и општините во кои нема Албанци и немаат вработено ниту еден Албанец ќе мора да го сторат тоа, посочи дека Законот за јазиците важи за сите институции кои постојат реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Хоџа нагласи дека тие кои нема да го исполнат Законот ќе бидат казнети, што беше и повод за денешната прес конференција на генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.
Тој обвини дека премиерот Зоран Заев спровел се’ што ветил дека нема:
„Зоран Заев е човекот кој пред да дојде на власт ветуваше дека нема да спроведе двојазичност. Како пример наведуваше градови како Струмица, Радовиш, Кавадарци, каде нема граѓани кои зборуваат албански, за сега откако стана премиер да спроведе целосна двојазичност. Откако седна на премиерската фотеља Зоран Заев спроведе се што велеше дека нема. Уште една потврда за тоа вчера дојде од владата чиј портпарол соопшти дека албанци мора да бидат вработени во сите институции вклучувајќи и општини како Радовиш, каде нема граѓани кои го зборуваат овој јазик“.
„Има голема разлика во однос на тоа да сте против нечиј јазик и да сте против криминална, неуставна и незаконска процедура. Токму ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на тоа заеднички, како што љубат одредени политичари да кажат во еден процес на кохезија, да се седне и да се најде квалитетно решение и тоа да се донесе заеднички во начин и постапка која што ќе биде прифатлива за сите. Меѓутоа овој криминален начин каде што со неправо се создава право, и притоа се инсистира на негова примена, ние како ВМРО-ДПМНЕ ниту ќе го практицираме, ниту некогаш ќе го прифатиме“, додаде Јанушев.
Од Владата реагираа со писмено соопштение, во кое тврдењата на Јанушев ги отфрлија како неточни.
Законот за употреба на јазиците предвидува формирање на Централна агенција којашто ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска или друга етничка заедница ќе има потреба од комуникација и ќе се обрати на друг јазик, покрај македонскиот, тогаш Централната агенција ќе им излезе пресрет на тие граѓани и ќе ја преведе комуникацијата за потребите на граѓаните коишто се обраќаат. Тоа значи дека во институциите во општините каде што 20% од граѓаните не се припадници на немнозинските етнички заедници, нема дополнително да се вработуваат граѓани од Албанска или која било друга етничка припадност за исполнување на одредбите од Законот за употреба на јазиците – се појаснува во владиното соопштение.


