Во Берово ќе се субвенционираат комуналните услуги на 50 лица кои живеат во социјален ризик – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/19 5:27 PM

Во Берово ќе се субвенционираат комуналните услуги на 50 лица кои живеат во социјален ризик

Општина Берово ќе ги субвенционира трошоците за комунални услуги за граѓаните кои се изложени на социјални ризици. За таа цел распишан е јавен оглас на кој може да се пријават лица кои ги исполнуваат критериумите за спроведување на оваа мерка. Како што информираат од Општината, субвенционирањето ќе може да го користат 50 лица кои живеат во социјален ризик.

– Субвенционирањето од средствата на Буџетот на Општина Берово ќе можат да го користат лицата кои имаат статус на корисници на социјална помош, корисници на постојана парична помош или невработени лица кои се со тој статус подолго од 12 месеци. Условите ги опфаќаат и корисниците кои се во брак, и притоа и двајцата брачни другари се невработени како и лица кои имаат најмалку 70 процентен степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејството е со инвалидитет од најмалку 70 проценти или има тешка болест. Право на учество имаат сите граѓани кои ги исполнуваат условите со јавниот оглас, велат од Општина Берово.

Додаваат дека како подносители на барањето за субвенционирање на трошоци за комунални услуги пријавените треба да бидат државјани на Република Македонија и да се жители на општина Берово, а притоа да се корисници на услуга за вода за пиење од ЈКПР „Услуга“.

Јавниот оглас кој е објавен на општинскат веб страна ќе трае заклучно до 15 февруари 2019 година, а според предвиденото по објавениот оглас постапката ќе ја спроведува Комисија, формирана од страна на градоначалникот на Општина Берово. Комисијата ќе ги прибира поднесените барања, ќе ги обработува истите и за оние баратели кои ги исполнуваат условите по објавениот јавен оглас, ќе достави предлог до градоначалникот за избор на корисници на субвенцијата на трошоци за комуналните услуги.

МИА