По десетти пат, на 19-20 јануари, сабота и недела, во СЦ „Форца“, јубилејно ќе се одржи меморијалниот меѓународен турнир во мал фудбал „Тоше Проески“. Овој фудбалски настан е во чест на нашата музичка легенда, а е во организација на Здружението на стопанственици Власи „Мандра“ од подрачната единица во Општина Карпош.
Покровител на турнирот е Општина Карпош, и истиот ќе биде отворен од градоначалникот на Општината Стефан Богоев.
На оваа спортска манифестација, која за прв пат има меѓународен карактер, ќе учествуваат вкупно осум екипи, пет од Република Македонија, како и од соседните држави Грција, Албанија и од Хрватска. Тоа се тимовите од Нова Градишка-Хрватска, Серез-Грција, Корча – Албанија, Општина Карпош, Општина Крушево, НЛБ Банка, „Лиличи Араши“ – Велес и „Мандра“ – Скопје.
Гости на овој фудбалски турнир, кој од година в година, прераснува во респектабилен спортски настан, ќе бидат голем број на стопанственици, политичари, општествено јавни личности како и голем број на спортски работници.


