Чавушоглу: Со нетрпение ја очекуваме Македонија во НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/19 12:59 PM

Чавушоглу: Со нетрпение ја очекуваме Македонија во НАТО

Турција со нетрпение очекува да и’ посака добредојде на Република Македонија во семејството на НАТО, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на заедничката прес-конференција во Анкара по средбата со неговиот македонски колега, Никола Димитров.

Чавушоглу нагласи дека стабилноста на Македонија е клучна за стабилноста на Балканот, на што Турција придава големо значење и обезбедува поддршка за неговиот економски раст – пренесе Македонската информативна агенција.

Прашан за Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, Чавушоглу рече дека Турција ќе ја почитува одлуката на македонскиот Парламент:

„Ние ги следиме случувањата поврзани со договорот со Грција. Ќе ја почитуваме одлуката на македонските граѓани и на македонскиот Парламент и во наредниот период ќе продолжиме да ја признаваме Македонија под нејзиното уставно име. Ова е одлука на македонската Влада и се надевам дека со неа ќе бидат отстратени пречките за нејзиниот пат кон Европа“.

Истакна дека Турција и Македонија имаат силни врски кои датираат од пред многу векови, нагласувајќи дека и билатералните политички релации се одлични.