Во Вербалната нота испратена од Министерството за надворешни работи до грчкото Министерство за надворешни работи стои дека се исполнети сите легислативни услови кои што се бараат во договорот потпишан помеѓу Скопје и Атина се става и крај на деценскиот спор одколу името. Во Вербалната нота јасно стои и објаснување што значи Македонец и македонски јазик.
Во нотата помеѓу другото пишува: „Во духот на договорот терминот националност на Втората страна дефинирана во член 1 (3) (б) од Договорот како „Македонци/граѓани на Република Северна Македонија“ се однесува само на државјанството, а не го дефинира или однапред ja определува етничка припадност, етникумот како што e тоа пропишано во член 2 (2) од Уставниот закон за примена на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија“.
Во член 1 (3) (б) од Договорот од Преспа пишува дека „националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, како што ќе биде запишано и во патничките документи“.
Ова значи дека со ова дополнително толкување се нагласува дека под поимот „Македонци“, „македонско“ се мисли на државјанство, а не на етничка припадност. Во нотата се појаснува и тоа дека македонскиот јазик е официјален јазик на земјата признат како официјален на конгрес на ОН во Атина во 1977 година.
Ова дообјаснување од македонското МНР вчера го истакна и грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на расправата во грчкиот парламент за довербата на неговата влада. Соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, односно ги појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството, рече Ципрас.
„Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици“, рече Ципрас.
Во соопштението на МНР се вели дека „грчката страна е информирана дека Република Македонија ги исполни внатрешните законски услови потребни за влегување во сила на конечниот договор и дека на 11 јануари 2019 година, Собранието на Република Македонија ја донесе Одлуката за прогласување на амандманите XXXIII , XXXIV, XXXV, XXXVI во Уставот на Република Македонија и Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите XXXIII и XXXVI во Уставот на Република Македонија”.


