Дисциплинска комисија формирана од страна на општината Охрид ќе ја чешла поединечно секоја исплата за обештетувања за земјотрсот од јули 2017 година во Охрид и треба да утврди дали постоела малверзација при исплата на парите наменети за обештетувае на охриѓани. Ова доаѓа откако ВМРО ДПМНЕ обвини дека општинската комисија доделила поголема сума на пари од штетата која што се случила за еден ист објект на повеќе лица од едно семејство кои живееле на истата адреса и дека се работело за блиски луѓе до СДСМ. Од ДПМНЕ велат дека на некои граѓани им биле исплатени повеќе пари од тоа што реално биле штетите, а други пак дека воопшто и не биле обесштетени.
„Кој знае каква ќе беше штетата по буџетот на РМ и какви процедурални грешки ќе направеше раководството на Локалната самоуправа во Охрид ако ВМРО ДПМНЕ не ја откриеше целата афера и не доставеше барање за информација од јавен карактер”, вели Кирил Пецаков, советник во ВМРО ДПМНЕ.
Уште на почетокот на декември, општината ги открила неправилностите во исплатата поради што отпочнале со постапка за испитување на целиот случај.
„Јас формирав дисциплинска комисија на 4 -ти јануари. Таа има законски рок од дваесет дена да изготви извештај и до тој законски рок јас нема да коментирам по однос на работата на таа комисија и наодите кои што ќе дојдат до таа комисија. Како претседател на таа комисија поставив истакнат член на ВМРО ДПМНЕ кој сум сигурен дека совесно ќе си ја изврши работата, а сите оние кои се огрешиле од законот ќе бидат извадени пред лицето на правдата”, вели Константин Ѓорѓиевски, градоначалник на Охрид.
Опозицијата бара за целиот случај да бидат известени Основното јавно обвинителство, МВР и Владата. Инаку во октомври минатата година владата донесе одлука само 15 % обештетувања од претпрените штети да добијат охриѓани. Вкупната сума на оштетувањата после направените проценки беше 43 милиони денари. Беа поднесени 862 барања за проценка од кои 60 од правни и 806 од физички лица. Најсилниот земјотрес кој го погоди Охрид беше на 3 јули 2017 година, со јачина од 5,1 степен според Рихтер.
Мики Трајковски


