Планот за реорганизација е одобрен, Фени излегува од стечај – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/19 6:15 PM

Планот за реорганизација е одобрен, Фени излегува од стечај

Кавадаречкиот комбинат „Фени“ конечно  излегува од стечај,  откако Апелациониот суд го потврди решението на велешкиот суд, со кое се одобри планот за реорганизација.

Сега  комбинатот има нов сопственик, а тоа е ГСОЛ/ Еуроникел. Од компанијата истакнуваат дека  после сите превирања,  оваа одлука најголемо значење има за вработените, фирмите кои соработуваат со Фени и целиот кавадаречки регион.

Во изминатава година и половина Фени индустри помина низ стечај кој ќе остане како пример за најуспешниот стечаен процес спроведен во земјава. Начинот на кој беше водена стечајната постапка, со реорганизација наместо ликвидација, брзината со која беа обесштетени доверителите како и искористената можност за рестартирање на производниот процес со цел Фени да биде оперативен на минимално технолошко ниво, е доказ дека законот за стечај и неговото спроведување дава позитивни резултати.

„И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на Комбинатот, последната и конечна одлука на Судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на Фени беше регуларно и транспарентно спроведена, за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за Фени и сите засегнати страни од неговото работење“ се вели во писмената реакција од ГСОЛ и се додава дека новиот сопственик има вложено приближно 90 милиони евра во изминатата година.

Фени скоро една година работи и произведува, но сега ќе го започне и својот инвестициски циклус со што повторно ќе го достигне својот некогашен сјај и значење за македонската економија, додава новиот сопственик на кавадаречки Фени.

Ангел Данов