НБРМ ја задржа каматната стапка на благајничките записи на ниво од 2,5% – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/19 2:35 PM

НБРМ ја задржа каматната стапка на благајничките записи на ниво од 2,5%

По намалувањето на каматната стапка во декември минатата година, Комитетот за оперативна монетарна политика на вцерашната седница оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,5%. На седницата, исто така, се одлучи понудата на благајнички записи, за аукцијата која ќе се одржи на 16 јануари 2019 година, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Кога станува збор за промените кај потрошувачките цени, остварената годишна стапка на инфлација од 1,5% за целата 2018 година соодветствува со октомвриската проекција, односно е занемарливо под проектираната стапка од 1,6%. При тековна инфлација нешто пониска од проектираната во октомври минатата година, како и при надворешни влезни претпоставки ревидирани во дивергентни насоки, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 2% засега се оценуваат како урамнотежени.

Релативно високиот откуп на девизи во декември, но и во текот на целата 2018 година, беше остварен при поволни движења на сите сегменти на девизниот пазар, при што банките во трансакциите со клиентите остварија нето-откуп на девизи, во услови на пониска нето-продажба на девизи за потребите на компаниите и истовремено повисока понуда на девизи во трансакциите со менувачниците, како сезонски ефект пред новогодишните и божиќните празници.