Помеѓу градоначалничката на Рим и Католичката Црква настана конфликт поради парите од фонтаната „Треви“, од која секоја година се вадат скоро 1,5 милиони евра.
Вообичаено овие пари се пренаменуваат во хуманитарни цели на католичката организација „Caritas“ за помош на сиромашните, но градоначалничката Вирџинија Раги сака истите тие пари да ги користи за поправка на градската инфраструктура, пренесува „Танјунг“.
„Caritas“ наведува дека губењето на тие приходи ќе ги погоди сиромашните.
„Не се надевавме на ова. Се уште се надеваме дека тоа не е конечна одлука“, изјавил директорот на „Caritas“, Бенони Амбарус за весникот „Avenire“, кој објавил текст со наслов „Парите ќе им ги земат на сиромашните“.
Како што се наведува, градските власти веќе го одобриле планот на градоначалничката, кој би требало да биде спроведен во април.
На ова рамнодушни не останаа и граѓаните на Рим, па и цела Италија кои преку социјалните медиуми побараа таа одлука повторно да биде разгледана.
Вирџинија Раги, е од редовите на „Движењето пет ѕвезди“, која станала градоначалничка на Рим во 2016 година. Нејзината популарност е во пад , затоа што не успеала да ги реши големиот број градски проблеми.
Во октомври минатата година илјадници луѓе се собраа на Градскиот плоштад да го изразат незадоволството што не се решени големите проблеми со купиштата ѓубре и лошите патишта.
Фонтаната „Треви“, која е стара скоро 300 години, секоја година ја посетуваат милиони туристи. Традицијата за фрлање паричка во неа, се прослави со песната на Франк Синатра „Три парички во фонтаната“ од истоимената романтичка комедија од 1954 година.


