Власта не сака конструктивност и дебата по однос на Законот за антикорупција, за кој толку долго ја замајува јавноста и меѓународната заедница – обвини денеска опозицијата.
„По трет пат во Собранието го доставуваат истиот предлог закон, најпрвин од страна на Владата, потоа по скратена постапка го предложија пратеници и сега повторно истиот текст го доставува Владата со европско знаменце и по скратена постапка, со што во Собранието имаме два исти закони во процедура“, реагираше на прес конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска.
„Не’ обвинуваа дека ние со предложените амандмани сме го кочеле процесот на носење на законот. Напротив амандманите поднесени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се суштински и значително го подобруваат законот во насока на поголема професионалност на антикорупциската комисија, зголемување на транспарентноста во работењето и намалување на корупцијата кај носителите на јавни функции во државава – се’ она за што од петни жили критикуваше СДСМ додека беше во опозиција“, додаде Лашкоска апелирајќи до власта да бидат прифатени амандманите и заеднички да донесат закон кој ќе ја сузбие корупцијата во Република Македонија.
Предлог законот за спречување на корупцијата денеска се најде на дневен ред на 80. собраниска седница.


