Oколу триста деца во Кавадарци се’ уште чекаат слободно место за да посетуваат градинка. Недостатокот од слободни места веќе со години е присутен во овој град. Родителите се приморани преку врски да обезбедат слободно место, иако градинките се преполни и работат со преполнет капацитет.
Осумдесет деца беа примени во градинка по отворањето на детската градинка „Буба Мара“ во кругот на здравствениот дом, но тоа не го надмина долгогодишниот проблем.
Многу родители кои обезбедија работа сега се соочуваат со проблем кој да ги чува нивните деца.
Од локалната самоуправа најавуваат дека годинава проблемот значително треба да се надмине. Во тек се градежни активности во повеќе постоечки објекти за нивно проширување.
Правиме доградба на шест занимални. И тоа во ваташката градинка две занимални и доградба на уште четири во градинката во ООУ „Тошо Велков Пепето“. Тоа е инвестиција околу 20 милиони денари. Занималните треба да бидат готови некаде во февруари. Во моментот за упис чекаат триста деца, па со овие зафати бројот ќе се намали на 150 деца кои ќе чекаат место за во градинкa – вели градоначалникот Митко Јанчев.
Голем е бројот на деца и од селата кои го делат проблемот. Општината работи на оспособување на објекти за детска градинка и во селата Марена и Возарци. На овој начин, додаваат од локалната самоуправа, дека дополнително ќе се ослободат места низ кавадаречките градинки, бидејќи децата од овие две села ќе посетуваат градинка во местото на живеење.
Ангел Данов


