Живот некаде помеѓу Србија и Црна Гора: Се изнаплаќал глоби поради „нелегален премин“ од едната на другата страна на својот имот – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/19 10:04 AM

Живот некаде помеѓу Србија и Црна Гора: Се изнаплаќал глоби поради „нелегален премин“ од едната на другата страна на својот имот

ММС, 16.01.2019

По распаѓањето на заедничката држава, низ имотот на сточарот Бранко Лукиќ поминува граничната линија – куќата и шталата му се во Србија, а пасиштата и нивите во Црна Гора, па секој ден мора да ја минува границата како илегалец и да ги носи на испаша и водопоило своите 500 овци и 50 крави од едната на другата страна на својот имот, односно од една во друга држава, за што многупати платил казна, а за да отиде на легалниот граничен премин му треба многу кружење, но и таму не добил зелено светло зашто со толку добиток преминот ќе заличел на добиточен пазар

Ни виновен ни должен е Бранко Лукиќ, но трпи многу што државата во која е роден се разделила на две, па сега живее некаде помеѓу. Со егзистенцијата, потеклото, имотот, па и со државјанството е поврзан и за таму и за ваму, со тоа што преку меѓата, поради нему нејасните прописи, го дочекуват како илегалец. Неговата неволја е што веднаш кога ќе излезе од куќата станува странски државјанин во туѓата, а, сепак, своја земја, пишува српски „Блиц“.

Месноста Михаиловица на Јабука е погранично подрачје што го делат општините Пријепоље и Плевља, односно Србија и Црна Гора. Дедовината на Бранко ја сече меѓудржавната граница – на едната страна му е куќата, а на другата се неговите ливади и ниви. Угледен домаќин е, има повеќе од 500 овци и 50 грла говеда. Милина е да се види кога ќе потера толку многу добиток на испаша. А пасиштето му е на само 200 метри од дома, но – преку границата. Секое утро тој од шталата во Србија, од своето, овците и говедата ги носи во Црна Гора, пак на своето, да ги напои. Свесен е дека ризикува казна од 100 евра.

„Станав редовен муштерија на судот во Плевља“

– Се изнаплаќав казни и станав редовен муштерија на судот во Плевља – зборува Бранко за „Блиц“.

Неговата мака е што не може со добитокот легално да премине на црногорската страна од својот имот. Кога ќе тргне по најблискиот пат, одејќи само по своите парцели – тоа е кршење на Законот за гранична контрола, кога би кренал легално преку граничниот премин – тоа веќе би било спротивно на сообраќајните прописи. Не му помага ни што има државјанство на Црна Гора стекнато со раѓањето во Плевља, но и тоа што мајка му е Црногорка.

– Девет години имам исти маки. Кога ќе ги потерам овците и кравите преку своето, но и преку границата, ме сопира црногорски полицаец и ми пишува казна. На почетокот, кога се распаѓаше СРЈ, проблем беше што земјата од црногорска страна се водела на моите дедо и баба, па ми префрлаа:„На кое свое го водиш добитокот кога во Црна Гора немаш ништо“ и „Каде ти се пасошите за кравите и овците?“. Дедо ми, кој тогаш имаше 85 години, го одведов во судот во Плевља и тој таа парцела ми ја преведе – раскажува Бранко.

Извадил пасош за секое грло добиток

Кога ги обезбедил потребните документи дека земјата е негова и извадил пасош за секое грло добиток, мислел дека повеќе нема да има препреки.

– Оттогаш ме пресретнуваат со некои други прописи. Велат:„Не смееш одовде, овде не е предвиден премин, мораш на граничниот премин Ранче“. Замислете сега – имате ливада, двор, бавча и од едната страна на тоа парче земја да не можете на другата, туку да морате одоколу или, пак, додека чекорите по својата земја некаде на половина пат станувате стрнски државјанин – вели сточарот од Јабука.

До преминот Ранче има 800 метри од куќата. Оттаму, поради теренот, до пасиштето му требаат уште два километра, со тоа што поголемиот дел отпаѓа на патот по кој се влегува во Црна Гора. И тука е неговиот проблем.

– Ни на граничниот премин, иако ги имам сите документи, не добив зелено светло. Велат дека со толку добиток ќе направам метеж, а границата ќе заличела на добиточен пазар – зборува Лукиќ и самиот свесен каков курцслуш би настанал кога легално би го повел добитокот на испаша.

Повеќе не се ни обидува преку граничниот премин. Мора преку своето, забранетото. Најмногу двапати дневно оди во Црна Гора, четирипати ја минува границата. Некогаш го фаќаат и казнуваат, некогаш не.

Така, секое утро овој странец на својот имот мора да оди од Србија во Црна Гора, подготвен да ги прекрши граничните правила и да плати казна. И се’ така додека на усвојат некој lex specialis за него и неговиот добиток.