Со пробациската служба корист ќе имаат и осудениците и институциите – ММС
ММС

Објавено на: 01/15/19 4:22 PM

Со пробациската служба корист ќе имаат и осудениците и институциите

Пробацијата заживува во Македонија, тврди директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ. Првата пресуда за општо-корисна работа е донесена на 28 декември минатата година, една таква треба да се преземе од Бугарија а и во штипскиот Основен суд има најава дека ќе има таква пресуда, вели Стојановиќ. Тој  денеска беше во општина Штип со цел координација со институциите со чија помош треба да се спроведе законот, со кој наместо во казнените институции, казнитe ќе се издржуваат со општо-корисна работа.

,,Законските решенија се донесени уште од 2015 година, а ние имаме силна желба и енергија тоа да го спроведеме на територијата на Македонија, затоа што ќе имаат бенефит и самите установи и казнено поправните установи, но и лицата кои ќе бидат осудени во судовите со алтернативните казни. Со изрекување на ваквите алтернативни казни затвор ќе се надмине проблемот со преполнување на затворите, а осудените лица ќе имаат можност за ресоцијализација и реинтеграција во општеството, како што е примерот во западно европските држави“, истакна  Стојановиќ.

Тој денес имаше средба со градоначалникот Благој Бочварски, судии од Основниот суд во Штип, директори на јавните претпријатија .Локалните институции се подготвени да излезат во пресрет за заживување на пробациската служба“, вели Бочварски

  ,,Сметам дека во Република Македонија во најголем дел не недостасуваат законски прописи, туку многу често недостасува координација меѓу институциите со цел да се реализира она што е пропишано со законите и токму затоа ни е потребна една ваква координација и поддршка од страна на поразвиените држави , истакна Бочварски.

Заживувањето на законот за пробација ќе се реализира со помош на експерти од Германија и Холандија. Аксел Бримле, советник во рамки на твининг проектот и кој присуствуваше на координативната средба,  вели дека целта е да се зајакне пробацијата.

,,А тоа ќе се реализира со помош на бројни експерти и ќе се спроведат бројни активности.Проектот ќе трае до 20 мај 2020 година“, изјави Бримле.

Лицата кои што според пресудите ќе вршат општо-корисна работа,ќе бидат осигурени од страна на Управата за извршување на санкции во случај на повреди. Алтернативните казни ќе можат да се извршуваат во локални или државни институции.