Со проект финансиран од ЕУ, Македонија ќе ги јакне капацитетите за борба против фалсификување пари – ММС
ММС

Објавено на: 01/16/19 7:43 AM

Со проект финансиран од ЕУ, Македонија ќе ги јакне капацитетите за борба против фалсификување пари

Фалсификувањето на парите, вклучително и еврото ќе биде една од клучните области во поглавјето 24 кои ќе бидат таргетирани со скрининг процесот – најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој информираше дека во оваа насока, веќе е воспоставена централна канцеларија за истраги во областа на фалсификувањето пари.

Сепак, како поконкретно функционира македонскиот систем за борба против фалсификување банкноти и монети и како истиот да се подобри, допрва треба да покаже анализата која е дел од проектот насловен „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“. Деталите за проектот беа образложени денеска на конференција во Скопје, а според Спасовски, неговата цел меѓу другото е прилагодување на македонските со европските стандарди за борба против фалсификувањето на пари:

„Потребата за реализација на овој проект произлегува и од забелешките од неколкуте последователни извештаи за напредокот на Република Македонија, во кои беше утврдена потреба од јакнење на капацитетите на институциите кои имаат свои ингеренции во делот на борбата против фалсификување на еврото“.

Овој проект, како што и претходно објави Канал 77 го финансира Европската унија. Буџетот за него изнесува 250.000 евра. Ќе го спроведуваат Министерството за внатрешни работи, Народната банка и Дојче Бундесбанк, со поддршка од експерти од хрватската, австриската и од Европската централна банка.