Сите институции, почнувајќи од Собранието, Владата, судовите и сите останати мора да го почитуваат Законот за употреба на јазиците. Тој од денеска е во сила и мора да се почитува – порача пратеникот Артан Груби денеска на прес конференција во Собранието:
„Нема да биде лесно на почетокот, но со добрата волја на сите институции примената ќе биде одлична. За разлика од минатото законско решение, во ова примената се контролира и со инспекторатот за примената на одредбите од Законот“.
Објавувањето на Законот за употреба на јазиците во Службен весник според опозициската ВМРО-ДПМНЕ е кривично дело, но Груби вели дека тоа е неточно.
„Нелегитимниот претседател во заминување има уште два месеци во неговата канцеларија. Да појаснам тој има законска обврска да го потпише само прогласот на законот, додека самиот закон се потпишува од претседателот на Собранието. Објавата на законот заедно со законот за ратификација на договор со Грција е целосно согласно законите. Сметаме дека Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да се надминат и да бидат први кои ќе напишат ВМРО-ДПМНЕ пред нивното седиште и на албански јазик“, додаде Груби.
Во врска со ова прашање, Службен весник денеска се огласи преку писмено соопштение. Оттаму сметаат дека објавувањето на Законот за јазиците е согласно уставот и појаснуваат дека со истиот албанскиот јазик станува службен јазик во институциите. Тој ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената на сите постапки на граѓаните пред сите органи кои ја сочинуваат државната власт. Овој закон ги обрзува судовите, јавните обвинителства и сите други институции, органи и тела да овозможат користење, употреба и примена на кој било до слжбените јазици и нивните писма во своите постапки.


