ВМРО-ДПМНЕ предупредува: Објавувањето на Законот во Службен весник е кривично дело – ММС
ММС

Објавено на: 01/15/19 8:08 AM

ВМРО-ДПМНЕ предупредува: Објавувањето на Законот во Службен весник е кривично дело

Објавувањето на Законот за јазиците во Службен весник, според опозицијата, е кривично дело за кое се лежи казна затвор. ВМРО-ДПМНЕ по објавата на собранискиот спикер, Џафери реагираше со писмено соопштение предупредувајќи дека таквото кривично дело не застарува, додека одговорноста ја носи директно директорот на Службен весник, а потоа и сите инволвирани.

Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони. СДСМ уште еднаш ја силува демократијата и го руши правниот поредок во Република Македонија – обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е само уште еден груб и провиден обид на Власта на СДСМ преку носење несуштински работи за Албанците, да им се додвори на целиот албански електорат во пресрет на претседателските избори и да ги изманипулира албанските гласови – смета најголемата опозициска партија.

Оттаму велат дека доколку властите се искрени во намерите, наместо со носење несуштински работи, треба да се потрудат преку економски политики да ги реалзираат ветувањата кои ги дале пред изборите за подобар живот и навистина да им го подобрат животот на Албанците во Република Македонија преку отворање нови работни места и се’ она што ветиле.