Опозицијата бара одговорност за погрешните декларации, власта тврди вакцините се сигурни – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/19 3:01 PM

Опозицијата бара одговорност за погрешните декларации, власта тврди вакцините се сигурни

Здравствениот систем е во тотален хаос, обвини денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде прашуваат кој е одговорен  за погрешните декларации залепени на 500 МРП вакцини.

„Зошто надлежните уште од првиот ден по обелоденување на овој пропуст упорно тврдат дека сите вакцини против морбили, рубеола и паротит – МРП имаат валиден рок на употреба? За овој скандал треба веднаш одговорност да поднесат сите надлежни. Прво, одговорност мора да поднесе министерот за здравство, Филипче. Како е можно личност која е на ваква функција да дозволи макар и да проструи ваква информација? Во прашање е нешто што може да го загрози  животот на децата. СДСМ и Филипче уште еднаш докажаа дека единствено се борат само за свое лично богатење и богатење на поединци од СДСМ. Сето ова претставува уништување на се што е направено во здравствениот систем“, изјави Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција.

Од СДСМ пак возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ  е партијата која го уништувала здравствеиот систем во земјава за време на единаесетгодишното владеење и поради тоа, како што велат оттаму, е намалена довербата на граѓаните во здравствениот систем.

Во соопштението се додава дека вакцините кои се употребуваат сега проверени и сигурни, произведени и увезени од Белгија.