Василичарски маскенбал и во тетовско Копанце – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/19 2:40 PM

Василичарски маскенбал и во тетовско Копанце

Василичарскиот маскенбал во тетовско Копанце започна во раните утрински часови. Жителите од ова село и годинава останаа верни на вековната традиција на прославување на празникот. Празнувањето на Василица продолжува вечер во црковниот храм во село Копанце со вечерна богослужба.

Василичарите на чело со невестата и зетот од домот на годинешниот кум тргнаа во посета на домовите на жителите на Копанце. Тие ги посетија сите куќи во селото, а домаќинките ги пречекаа со топла ракија, тетовско гравче и храна од нашево поднебје. Во секој двор ечеа звуци на народниот мелос, а веселбата со песна и оро продолжи и на сред село.

Постарите жители велат дека ваквиот начин на празнување е стар со векови и се пренесува од генерација на генерација. Преку песна маскираните сакаат да ги истераат лошите духови од домовите на семејствата. Жителите на Копанце се задоволни што Василичарскиот маскенбал е прифатен од младите во Копанце.

Празнувањето на Василица продолжува вечерва во црковниот храм во село Копанце.

Сличен начин на празнување на Василица во полошкиот регион има и во гостиварско Тумчевиште.

 

Зоран Димовски