Турнејата во Кина отвори прозорец кон Исток за Македонската филхармонија – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/19 1:53 PM

Турнејата во Кина отвори прозорец кон Исток за Македонската филхармонија

Македонската филхармонија ја заврши турнејата во Кина, каде првиот концерт го одржа на 26 декември. Впечатоците од првата азиска турнеја на симфонсикиот оркестар, директорот Виктор Илиевски ги сумираше денеска на прес конференција.

Како што вели тој, турнејата била голем организациски потфат зашто рaспоредот со настапи бил набиен и патувале од град до град со авиони и возови дури и по илјада километри за концертите закажани едноподруго.   Покрај растојанијата меѓу концертните сали, се соочиле и со голема температурна разлика.

„Направивме многу во претставувањето не само на нашата институција, туку  и на македонската култура, а со нашите филхармоничари можеме да се гордееме зашто ја одушевија публиката во Кина“,  изјави директорот на Македонска филхармонија, Илиевски кој сподели дека кинеските домаќини биле толку гостопримливи што во чест на македонските музичари организирале прослава на европска Нова година, како и делење на бадниково лепче со паричка.

Концерт-мајсторот Владимир Костов на прес-конференцијата рече дека турнејата била најголема што досега ја имале и за нив била голем тест и огромно искуство од кондициски и од професионален аспект, не само од уметнички.

Музичкиот проект беше насловен „7 концерти во 7 градови во Кина”. Турнејата ја предводеше диригентот Јерухам Шаровски од Израел.

Филхармоничарите сега се на одмор, а вториот дел од концертната сезона 2018/2019 ќе го почнат на 24 јануари со концерт на кој солист на труба ќе биде Лусјен Ренодин-Вари, под диригентство на Петер Феранец од Словачка.