Арсовски и Кировски: Договорот од Преспа ќе мине во Атина, Ципрас го има потребно мнозинство – ММС
ММС

Објавено на: 01/14/19 11:54 AM

Арсовски и Кировски: Договорот од Преспа ќе мине во Атина, Ципрас го има потребно мнозинство

Состојбите на политичката сцена во Грција говорат во прилог на тоа дека грчкиот премиер Алексис Ципрас го има потребното мнозинство за поддршка на Преспанскиот договор во Парламентот, како и за опстанок на Владата и покрај повлекувањето на партијата на Независни Грци од владеачката коалиција.

Ова за МИА го оценуваат политичките аналитичари и одлични познавачи на политичките прилики во Грција – директорот и главен уредник на ТВ Телма Атанас Кировски и амбасадорот Љупчо Арсовски во пресрет на утрешното гласање за доверба на Владата на Ципрас, но и кај двајцата сепак присутен е воздржан оптимизам.

Кировски ваквите оценки ги темели на проценките на грчките колеги и од луѓе од власта. Тој посочува дека коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци, и нивниот лидер Панос Каменос вчера го информираа грчкиот премиер дека излегуваат од Владата и ја откажуваат поддршката на актуелната Влада на Ципрас токму заради несогласувањето околу Договорот од Преспа, односно тоа што со Договорот останува името Македонија со кое што, вели, тие не се согласуваат.

-Ако направите проста математика од 300 пратеници во грчкиот Парламент, СИРИЗА, односно партијата на Ципрас има 145, а Независни Грци седум и со тоа се правеше владиното мнозинство. Теоретски ако Независни Грци сите ја напуштат коалицијата, Владата на Ципрас утре нема да го преживее гласањето за доверба и Договорот би пропаднал. Меѓутоа, работите не се баш така  едноставни. Неколкумина од Независни Грци ќе ја поддржат Владата на Ципрас, а од она што се говори во Грција и дел од пратеничката група на Потами на новинарот Теодоракис ја поддржува Влада. Така што наредниот тек, утре и задутре, дали ќе опстои Владата на Ципрас, доколку и се даде поддршка на Владата истите тие луѓе ќе гласаат и за Договорот од Преспа. Според она што јас го комуницирам со моите колеги во Грција и со луѓе од политичкиот естаблишмент, тие се 99 отсто сигурни дека и Владата на Ципрас ќе опстои и Договорот до крајот на јануари ќе се ратификува. Три дена трае процедурата, вели Кировски.

Според амбасадорот Арсовски, во македонскиот Парламент помина нашата обврска и сега, кажано со спортски изрази, топката се наоѓа на теренот кај нашиот сосед. Се согласува дека сстојбите на грчката политичка сцена малку се искомплицирале, што беше на извесен начин и очекувано, бидејќи самиот Каменос најавуваше разни комбинации околу тоа што и како ќе биде кога ќе дојде Договорот од Преспа во Парламентот. Посочува дека Каменос беше дециден дека никогаш нема да го гласа, но, вели, во меѓувреме неколку негови членови на Извршниот комитет од кои некои се и министри и заменици-министри веќе му откажаа послушност и го послушаа гласот на Европа.

-Во овој момент Ципрас има 151, можеби ќе биде и некој пратеник повеќе во зависност од тоа како ќе течат сите работи зад кулисите што би се рекло со политички речник. И сметам дека Грција се наоѓа во една навистина историска пресвртница каде што мора да победи 21. век и тие веќе не можат и би било срамно да се вратат повторно на позициите на тежок национализам, на „тежок патриотизам” кој како карта може да биде добитна комбинација, но само за краток период. Тие навистина во оваа пресвртница мора да гледаат напред кон Европа, бидејќи желбата на Грција не само од сега, туку и по паѓањето на поранешна Југославија беше да биде навистина земја која ќе го обединува, која ќе го води, која ќе биде прва на Балканот со иницијативи, пред се, на економски план итн, вели Арсовски кој беше првиот амбасадор на независна Македонија во Грција.

Тој појаснува дека во овој момент имаме една навистина изменета ситуација од периодот на распаѓањето на Југославија каде што Црна Гора и Албанија се членки на НАТО и полека обрачот се стега, бидејќи Словенија и Хрватска станаа земји и на НАТО и земји на ЕУ.  Така што, додава, навистина сите оние што гледаат кон иднината во Грција ќе мораат да го одобрат овој напор на Ципрас кој како и нашиот премиер Заев се постави цврсто и сигурно без оглед на тоа дали ќе победува понатаму или не.

-Тој, сепак, сака Грција да ја донесе на вистинскиот пат кон една обединета Европа во која границите ќе бидат симболични, и народот и луѓето слободно ќе ги минуваат, но и идеите, бизнисот итн. Лично сум убеден дека сето тоа ќе оди во една позитивна насока, но, сепак, има секогаш резерви, бидејќи знаете и историјата и искуството покажуваат дека во некои клучни моменти токму негативните работи за кои зборував победувале во Грција – или се распуштал Парламентот или паѓала Владата итн, да не одиме до Конвенцијата за малцинствата што е само потпишана, а не и помината во Парламентот, па дури и нашата Времена согласност што ја гаевме како заеднички документ ја напуштаа одвреме навреме и не ја поминаа ниту во Парламентот, ниту во Владата итн. Ете сега сме исправени и двете земји, ние сме во една, да речам, предност и очекуваме веројатно утре е почеток на расправа во Паралментот и во најкус можен рок гласање некаде до ноќта за доверба на Владата на Ципрас, вели амбасадорот Арсовски.

Според него, Ципрас искажа не толку цврст, но навистина реален оптимизам, дека новиот пристап во решавањето на проблемите еднаш мора да победи. Се наоѓаме во 21. век и мислам дека по првпат во Грција преовладува навистина една интелектуална мисла дека Грција, исто така, треба да сврти нова страница од нејзиниот пат. Таа е европска земја, но тоа постојано треба да го потврдува.

Во посета на Грција мината недела престојуваше германската канцеларка Ангела Меркел која изрази поддршка на Договорот од Преспа на прес-конференцијата по средбата со Ципрас, користејќи го името Северна Македонија за нашата земја рече дека Договорот не носи придобивки само за нашата држава која може да стане членка на НАТО и ЕУ, туку е во корист и на Грција и на цела Европа.