Македонската машка ракометна репрезентација позитивно одговори на вториот предизвик од Светското првенство во ракомет 2019. Убедлива победа од 28 наспроти 23 против Бахреин.
Македонија и понатаму го оправдува епитетот „фаворит“, па дури и против оваа држава која ја побеивме со пет разлика. Македонија имаше одличен старт на натпреварот, поведе со 6-2 но потоа следуваше црн период, дури 11 минути не постигнавме гол, а Бахреин со серија од 5-0 дојде до водство од 7-6. Во продолжението беше изедначено, но во финишот имавме серија од 5-0 и на полувремето заминавме со предност од 12:8.
Во вториот дел немавме пад, доминиравме над противникот, создадовме разлика по која селекторот Раул Гонзалез реши во последните 15 минути комплетно да ја промени поставата и да им даде шанса на помладите ракометари.
По двете планирани победи против азиските репрезентација, Македонија утре го има првиот вистински предизвик, селекцијата на Хрватска предводена од Лино Червар. Мечот почнува од 18 часот.


