Заев: Со одлуката за спроведување на Договорот од Преспа нашата Република Северна Македонија е дел од правичниот свет – ММС
ММС

Објавено на: 01/12/19 11:31 AM

Заев: Со одлуката за спроведување на Договорот од Преспа нашата Република Северна Македонија е дел од правичниот свет

Горчината ја ставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината. Ќе пристапиме кон двете најмоќни организации на светот, како полноправна членка и независна земја. Нашето пристапување кон НАТО ќе продолжи со зголемен интензитет и јасен исход – изјави попладнево на прес конференција, премиерот Зоран Заев.

Ден по одлуката за устави измени, донесена во Собранието, Заев ја оцени истата како одлука за безбедна и спокојна иднина, со која како што рече тој, Република Северна Македонија е дел од правичниот свет.

„Гласот за спроведување на Договорот од Преспа е одлука што им дава сила на нашите млади генерации да се издигнат рамо до рамо со нивните врсници, да ги споделуваат придобивките од отворените пазари. После големата одлука во нашиот Парламент си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во насока што сите ја посакуваме – Македонија како членка на ЕУ и НАТО, земја во чиј идентитет се вградени идентитетите на сите етнички заедници кои живеат во неа“, додаде Заев.

Тој е убеден дека грчките пратеници ќе ја препознаат нивната улога во како што оцени, овој клучен момент. Заев е сигурен дека Грција ќе биде прва земја што ќе го потпише протоколот за пристапување кон НАТО.

„Со решавањето на спорот за името, немаме отворено прашање со ниту еден сосед. Креиравме модел со кој ги добивме симпатиите од најголемите светски лидери, бидејќи покажавме капацитет да не одлагаме и да не профитираме на сметка на интересите на граѓаните“, додаде Заев кој и’ порача на јавната администрација да работи активно на спроведување на бараните реформи.