Што по завршувањето на факултетот. Ова е најчестото прашање кое ги мачи студентите од крајниот Исток кои што не се сигурни дека во својот роден крај ќе можат да најдат егзистенција. Ова го посочи и студентот Васко Стоиловски од Делчево студент на земјоделскиот факултет кој рече дека првично идејата му е да бара вработување овде, но доколку не се снајде, својата егзистенција ќе ја бара надвор од државата.
-Прва година апсолвент сум, ми остана само уште дипломска, после завршувањето имам шанса да најдат нешто работа овде во Македонија ако не странство ме чека, вели Стоиловски.
На исто мислење е и студентката Веселинка Гоцевска, студент по хемија на Природно математичкиот факултет во Скопје.
-На почеток ќе пробам во Скопје, за понатаму не знам во странство, вели Гоцевска.
Со цел стимулирање на младите за поголеми успеси во образованието и нивно задржување овде, општина Делчево и годинава реши да додели стипендии на најуспешните студенти и ученици за учебната и студиската 2018/19 година.
-Овие стипендии кои ги доделуваме се со цел е да се стимулираат и мотивираме учениците и студентите да постигнуваат уште поголеми резултати, да восприемаат трајни знаења и да можат утре подготвени да се појават на пазарот на трудот и да бидат исполнителни во сите дејности кои ќе ги работат во нивниот работен век, рече делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.
Освен 24 стипендии кои годинава на најуспешните ученици и студенти ги доделува општина Делчево, како поддршка од општината годинава се доделени и три стипендии на првенците на генерацијата во трите училишта, потоа награди за освоени високи места на државни и меѓународни натпревари, а секоја година општината доделува и наградно патување низ Европа на десетте најдобри матуранти од делчевската гимназија „Методи Митевски – Брицо”. За овие награди и стипендии, општина Делчево минатата година има исплатено 780.000 денари, износ кој е проектиран и во буџетот на општината за 2019 година.
Валери Спасевски


