Делегација на ЕУ нема да присуствува на инаугурацијата на Мадуро во Венецуела – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/19 2:38 PM

Делегација на ЕУ нема да присуствува на инаугурацијата на Мадуро во Венецуела

Делегација на Европската Унија нема да присуствува на инаугуративната седница на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро денеска во Каракас – потврди портпаролката Маја Коцијанчиќ.Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Коцијанчиќ потсети дека ЕУ смета дека изборите во Венецуела не беа „ниту слободни, ниту фер“ и изрази жалење што не беа организирани нови регуларни избори.

„Во овој контекст, ЕУ и земјите членки нема да учествуваат на инаугуративната седница денеска, но ЕУ ќе продолжи да биде политички ангажирана во поддршка за мирно и демократско решение за кризата во Венецуела и ќе ги остави отворени комуникациските канали со релевантните актери“, истакна портапаролката.

Според информации во одредени медиуми, можно е на инаугурацијата на Мадуро да бидат присутни грчкиот и шпанскиот амбасадор, иако не е потврдено.

Изборот на Мадуро е многу контроверзен, а изборите беа критикувани од огромен дел од меѓународната заедница и многумина најавија дека нема да го признаат неговиот мандат.

Лидерот на европските либерали, Ги Верхофштат, ја повика ЕУ да не го признае Мадуро за претседател.

Се очекува само Боливија и Куба да испратат делегација на највисоко државно ниво на денешната церемонија во Каракас.

– ЕУ ќе излезе со дополнителни реакции за ситуацијата во Венецуела – најави Коцијанчиќ.