Храбар поштар ги спасил пензиите од крадци – ММС
ММС

Објавено на: 01/10/19 1:49 PM

Храбар поштар ги спасил пензиите од крадци

Поштар од штипската подружница на Македонски пошти,  во текот на вчерашниот ден додека разнесувал  пензии, бил нападнат од две непознати лица.Тие се обиделе да му ги одземат торбите со пари, но тој успешно и храбро им се спротиставил недозволувајќи им да успеат во тоа. Настанот се случил вчера околу 10.30 минути на улицата Широк дол.

Додека шеесетгодишниот Ј.С ги разнесувал пензиите во еден момент од зад грб му пришле две непознати лица и физички го нападнале, го турнале на земја, нанесувајќи му телесни повреди. Крадците се обиделе да му ги одземат двете торби коишто ги носеле, но откако не успеале во намерата, побегнале.

Од штипската полиција го потврдуваат настанот. Од тука велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Билтенот на штипската pолиција бележи уште една кражба, во аптека. Во текот на вчерашниот ден од страна на полициски службеници е приведен дваесет и петгодишниот А.М. од Штип поради сомнение за извршено разбојништво во аптека на  ул. „Маршал Тито” во Штип.  Околу 11.45 часот, вработен во аптеката, пријавил дека А.М. со закана со нож од него одзел пари и лекови.

Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки и активности од страна на полициски службеници и А.М. е приведен во Полициската станица Штип.

По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.