Мицкоски не ја прифати поканата да се обрати на протестот пред Собранието – ММС
ММС

Објавено на: 01/9/19 2:43 PM

Мицкоски не ја прифати поканата да се обрати на протестот пред Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се приклучи на протестот против уставните измени пред Собранието, но одби да се обрати на импровизираната бина.Демонстрантите неколку пати го повикаа опозицискиот лидер да се обрати на граѓаните и јавно да им каже дали ќе гласаат или ќе одбијат да гласаат, но тој не се одзва на нивните повици.

„Последен пат ве повикуваме да им кажете на овие луѓе тука дали ќе гласате или не. За последен пат го повикувам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на нашата импровизирана говорница да се обрати на македонскиот народ. Доколку не сака да се обрати ќе пуштам музика да славам, затоа што, Христијан Мицкоски не сака да се обрати“, изјави еден од демонстрантите на микрофон.

По неколку повици и направен отворен пат до импровизираната бина, насобраните граѓани почнаа да негодуваат и да дофрлаат кон Мицкоски. Тој пак, во изјава за медиумите од пред Собранието, претходно рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија” на денешната седница нема да дадат легитимитет за промената на Уставот затоа што, како што додаде, таквите измени немаат легитимитет од  граѓаните.

Тој, исто така, ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации, ниту на измислени информации и конструкции од инфилтрирани полициски структури.