Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15 – ММС
ММС

Објавено на: 01/9/19 10:59 AM

Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15

Државниот инспекторат за труд прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека надзорот што почна од почетокот на годината, ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајќи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности – велат од ресорното министерство, од каде додаваат дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон.

Од МТСП ги повикуваат работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131.

Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор.

Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.