Антикорупциската комисија која речиси цела година е нефункционална – тема на партиски препукувања. Непосредно пред рапсишувањето на претседателските избори, власта брза да го протурка Законот за антикорупција, со што ќе биде изгласан и новиот состав на оваа комисија. Опозицијата пак, обвинува дека со класична злоупотреба на администрацијата, премиерот Заев посегнува по корупција.
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи смета дека Законот за антикорупција се носи согласно препораките на ЕК, додека ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да го поддржи новиот Закон. Оттаму истакнуваат дека се за формирање на ефективна антикорупциска комисија која ќе се бори против, како што оценуваат, криминалните тенденции на актуелната власт.
Портпаролот на оваа партија, Наум Стоилковски обвинува дека власта го искористува вакумот од непостоење на Антикорупциска комисија и распишува огласи за вработување стотици административци.
„Заев во очи на предизборен период одненадеж гледа место за повеќе стотици нови административци, чие што вработување има заднина – предизборно задоволување на партиските потреби во изборни цели. Тоа е корупција, а не потреба од стотици копирачи, кафекувари, возачи – до советници и членови на директорски кабинети, тоа е класична злоупотреба на администрацијата. Овој црн зафат е надоврзување на коруптивните огласи од предреферендумската кампања, кога исто како и сега беа отворани места за вработувања во државни агенции и институции, во министерства, агенции, дирекции и тела, од советници до копиранти, до келнери, до шанкери и кафекувари, со плати од 15 до 40.000 денари“.
Од СДСМ во писмено соопштение наведуваат дека целта на опозицијата предводена од Христијан Мицкоски е да нема силна, независна комисија. Едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ е ДКСК да нема директен увид во сметките на функционерите туку тоа да се прави преку УЈП, којашто е дел од извршната власт.
Не може институција дел од извршната власт подобро да ги контролира избраните функционери од независна институција како што со новите законски решенија е предвидена да биде ДКСК – додаваат социјалдемократите.


