Нов тип стипендии за дел од студентите – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/19 6:39 PM

Нов тип стипендии за дел од студентите

Нов тип на студентски стипендии за студенти запишани на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование – ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за студентски стандард кои денеска поминаа во Собранието во прво читање.

Според заменик-министерот за образование Петар Атанасов, целта е да се мотивираат завршените средношколци со постигнати високи резултати да го продолжат своето образование на факултети кои реализираат студиски програми за образование на наставен кадар.

Со предлогот е утврдено дека од вкупниот број стипендии кои ги доделува Министерството за образование и наука, 49 проценти се за студенти од социјалните категории, 30 проценти се за студенти со особен успех во учењето,  20 проценти се за студенти на природно- математичките, техничко-технолошкиете, биотехничките и/или медицинските науки, а еден процент за студенти запишани на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека е во ред да се стимулира  идниот наставен кадар во државата, но, како што рече Трајчо Димков, треба да се најде друг начин без да се одземе процент од стипендиите за студенти од социјални категории.

Неговата сопартијка, Павлинче Честојнова смета дека со законот се прави математичка манипулација:

„Ако го погледнеме образложението на овој Предлог закон односно што се предлага ќе видиме дека се работи за чист популизам. Поточно во постојниот Закон стои дека од вкупниот број на стипендии 50% се за студенти од социјалните категории, 30% се за студенти кои постигнале особен успех во учењето и 20% се за студенти кои се запишани на студиски програми од научните подрачја на природно математичките, техничко технолошките, биотехничките или медицинските науки. Со новиот предлог закон ставот 10 се менува и истиот уредува дека вкупниот број на стипендии кои ги доделува МОН бројот на стипендии не се менува. Вкупниот број на стипендии останува и не се зголемува. 49% се за студенти од социјалните категории значи се крати од студентите од социјалните категории“.

Реплицирајќи, пратеничката  Лидија Спасевска од СДСМ негираше дека се работи за популизам и оти се крати од социјалните категории.

Според неа, квалитетни стручни мотивирани наставници не се добиваат преку инстант решенија, туку преку константен процес на кој ќе се работи во континуитет.