Намалени трошоци за отплата на потрошувачките кредити – ова го предвидуваат законските измени кои денеска добија поддршка во прво читање од Собранието на Република Македонија.
Пратениците и од власта и од опозицијата ги поддржаа измените кои ќе ги заштитат граѓаните при склучување договори за потрошувачки кредити, за кои вкупните трошоци се ограничуваат на 55% од износот на кредитот.
Предлог законот ги опфаќа и таканаречените брзи кредити под 200 евра, кои досега не беа законски опфатени – образложи министерот за финансии, Драган Тевдовски. Според него, новите измени го минимизираат ризикот од влошување на финансиската состојба на потрошувачите.
Пратеникот од ГРОМ Панчо Минов најави дека ќе иницира Законот, покрај за потрошувачките, да се однесува и за станбените и деловните кредити за кои банките бараат обезбедување.
Овој Предлог закон сега треба да се разгледува на комисиска расправа, каде пратениците ќе може да ги вградат своите барања и забелешки во амандмани.


