Села не се изјаснува за уставните измени, денеска ќе се сретне со Заев – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/19 1:48 PM

Села не се изјаснува за уставните измени, денеска ќе се сретне со Заев

Ќе добијат ли поддршка уставните измени од Алијансата на Албанците, ако не бидат прифатени предлозите на оваа партија? Лидерот, Зијадин Села не го соопштува партискиот став, но за барањата на неговата партија попладнево тој треба да разговара со премиерот, Зоран Заев.

Алијансата поднесе шест амандмани  со кои се прави ревизија на Охридскиот рамковен договор и кои според Села, ќе придонесат уште повеќе за стабилноста на државата и регионот. На оваа тема тој денеска во Собранието разговарал со шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ.

По средбата, Села на прес конференција истакна дека многу е важно Македонија да стане членка на НАТО, а со тоа да не повлече со себе внатрешни проблеми.

– Во овој контекст се и нашите предлози за граѓаните во Република Македонија да се чувствуваат еднакви со еднакви права, а не како што се функционирало изминативе 30-тина години кога сме имале две категории на граѓани-граѓани и како граѓани. За жал предлагачот, во случајов Владата, настојува на тоа првата реченица во Преамбулата да почнува со граѓани и македонски народ и да продолжува „како и граѓани и делови од народ”. Никој не треба да се плаши од еднаквоста и од праведноста, а сите ние треба да се плашиме од компромисите кои се правеа со законот за амнестија и други компромиси кои ги гледаме преку СЈО  – изјави Села отфрлувајќи ги обвинувањата на вицепремиерот, Бујар Османи дека тие заедно со БЕСА се кочничари на процесот на уставните измени.