Под „итно“да се укинат царините за производите од Србија и Босна и Херцеговина, кои Косово ги покачи на сто отсто кон крајот на 2018 година – овој свој став, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини денеска во Брисел го повторила пред членовите на косовската делегација избрана за дијалогот со Србија.
Од кабинетот на Могерини, која го посредува дијалогот меѓу Косово и Србија во име на Унијата, соопштија дека според неа, „присуството на делегацијата во Брисел е доказ за тоа дека косовските власти даваат приоритет на нормализацијата на процесот“.
„Постигнувањето на комплетен и правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите во контекст на дијалогот помеѓу Белград и Приштина бара клима која придонесува за доборососедски односи, во кои минатите договори се почитуваат и применуваат, а акциите и изјавите кои не се компатибилни со општиот интерес и стратешките цели на регионот се избегнуваат“, посочи Могерини по средбата.
Сепак, Србија инсистира дека додека не се укинат овие царини дијалогот помеѓу двете страни не може да продолжи.


