„Македонијалек“ и власта синхронизирани за грешката со вакцините со изминат рок – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/19 11:05 AM

„Македонијалек“ и власта синхронизирани за грешката со вакцините со изминат рок

Граѓаните преку реакциите искажани во јавноста, не веруваат во објаснувањето на Министерството за здравство дека на вакцините со изминат рок, по грешка е залепена налепница со рок до октомври 2018 година.

„Наместо да ги уништат вакцините со изминат рок, тие се правдаат“, реагира граѓанин.

„Никогаш не сум видел некој да стави пократок рок на производ што го продава“, реагираа друг граѓанин, а еден прашува: „Дали некој ќе одговора ако навистина е пропуст“?

По објавувањето на фотографија од родител на дете кое било вакцинирано деновиве на декларацијата на вакцините каде стои датум кој покажува дека вакцината е со изминат рок, од Министерството за здравство објаснија дека „контрола била извршена во повеќе вакцинални пунктови, при што детално биле проверувани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот“.

„Утврдено беше дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Надзорот констатираше дека од страна на увозникот, компанијата „Македонија лек“ бил направен технички пропуст. Имено, компанијата „Македонија лек“, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата ‘Македонија лек'”, стои во соопштението на Министерството за здравство.

-Сликата е сликана вчера во диспанзер, а како доказ на нас скептичните, необразовани, гугл експерти, дека сепак имаме вакцини од Белгија, а не од Пакистан. Само еден мал детаљ им промакна, стои во прилог на фотографијата.

Денеска од компанијата  „Македонијалек“, дистрибутер на вакцините, испратија соопштение во кои ги смируват граѓаните со идентично објаснување како тоа на Министерството за здравство.

„Сите вакцини се со важечки рок и безбедни за употреба . При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени како не би правеле понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок, соопштија од „Македонијалек“.

Сепак, во јавноста остана сомневањето како е можно да биде направена грешката со декларациите. Граѓаните прашуваат колку од 900-те вакцинирани деца примиле вакцини од тие  со грешка излепена декларација со изминат рок, како што тврдат од Министерството и од „Македонијалек“ и дали сега некој ги прашува родителите на овие вакцинирани деца.