Договорот од Преспа може да донесе политички случувања во Грција – ММС
ММС

Објавено на: 01/8/19 9:29 AM

Договорот од Преспа може да донесе политички случувања во Грција

Во пресрет на последното гласање за уставните измени во македонското Собрание и приближувањето на моментот кога топката ќе се префрли на грчки терен, се вжештува политичкиот термометар во Грција. Атина ќе треба да го ратификува и Договорот од Преспа и протоколот за наша интеграција во НАТО, процеси кои не е исклучено да предизвикаат политички разврски во Грција, а според некои сценарија, да донесат дури и предвремени парламентарни избори.

Веројатно е дека сѐ ќе зависи од ставот на Панос Каменос. Претседателот на Независни Грци, министер за одбрана на Грција и коалициониот партнер во Владата, за утре закажа состаноци на парламентарната група и на извршниот комитет на партијата, нешто што според многумина во Грција, може да биде чекор кон напуштање на Владата. И сето ова на ден пред посетата на Ангела Меркел на Атина.

Според грчките медиуми, не е исклучена можноста двајцата коалициски партнери Алексис Ципрас и Панос Каменос да одржат средба.

Ќе го поддржат ли Каменос сите пратеници од Независни Грци? Или ќе има „партиска непослушност”? Ќе ги повлече сите негови министри од владата, но ќе продолжи да ја поддржува? Ова се дел од прашањата што се поставуваа во изминатиот период, а не е исклучено одговорот да се знае уште утре. Од следните чекори на Каменос, ќе зависи и иднината на Владата, но и следниот потег на Ципрас.

Во Грција во изминатиот период присутни се повеќе различни сценарија: избори веднаш по ратификацијата на договорот, избори во мај заедно со локалните и евроизборите или избори во регуларно предвидениот рок на есен.

Сепак, официјална Атина, во изминатиот период отфрлаше секаква можност за предвремени избори и вели дека актуелната Влада ќе го заврши четиригодишниот мандат, бидејќи ја има потребната доверба од Парламентот (минимум 151 пратеник) и за ратификација на Договорот од Преспа и за доверба на Владата.

Ова било потврдено и на вчерашниот состанок на политичкиот секретаријат на владејачката СИРИЗА, според грчката новинска агенција АНА-МПА.

-За изгласување на историскиот Договор од Преспа постои одговорност кај сите политички сили и кај пратениците за да се реши едно прашање што ја измачува земјата со децении, било истакнато на состанокот со кој претседавал Алексис Ципрас, наведува АНА-МПА.