Ќе има ли одговорност и кој ќе одговара за епидемијата на морбили што ја зафати Република Македонија – праша денеска опозицијата.
„Кампањите на Заев и Филипче чиј основен мотив беше дека ако граѓаните ја поддржат промената на името, со влезот во ЕУ ќе добијат поквалитетни вакцини веќе предизвикува катастрофа“, обвини напрес конференција Маја Славева од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според СДСМ од опозиција масовното вакцинирање никогаш не се практикува во ек на епидемија, затоа што бил потребен период за да се создаде имунитет а самата вакцинација не е доволна да се спречи епидемијата. Според СДСМ од власт вакцинирањето е задолжително и e обврска за родителите. На кое СДСМ треба граѓаните да му веруваат? На она кое свесно креираше паника против вакцинирањето и придонесе за антивакциналното расположение или на ова сега? Односот на власта кон клучни прашања за здравјето на граѓаните покажува дека тие единствено водат грижа за собирање на ситни политички поени и на ништо друго. Последица од прибирањето на ситни политички поени е и ситуацијата со епидемијата која директно е причинета од неодговорноста на СДСМ. Обвинуваа дека вакцинацијата е бизнис идеја, а сега набавуваат вакцини за над 10 милиони евра, во ек на епидемија. Крајно лицемерие и неодговорност кон граѓаните и кон нивното здравје“, изјави Славева.


