Голема снежна покривка во селата од Бошавијата – ММС
ММС

Објавено на: 01/4/19 3:50 PM

Голема снежна покривка во селата од Бошавијата

И над 90 сантиметри е измерена снежна покривка во селата од Бошавијата и Подкожувјето. Вчера и денеска овој регион од Тиквешијата е зафатен од интензивни врнежи од снег.

Во селото Мрежичко снежната покривка е 90 сантиметри, а во останатите села снегот достигна шеесетина сантиметри.

Патиштата се проодни но и понатаму се апелира без поголема итност да не се патува во овој дел од Тиквешијата.

„Механизацијата работеше на расчистување на  патот Бојанчиште – Куманичево и Конопиште – Лукар со што се пробива патот се со цел лесно движење и непрекинато водоснабдување од страна на ЈП Комуналец. Две  возила од Македонија пат работеа на патот Кавадарци – Мушов гроб, а 2 големи трактори со нож и соларка интервенираа на патот Мушов гроб – Мајден и на патот Мајден – Рожден“ информираа од зимската служба на општина Кавадарци.

Исто така нивна механизација денеска интензивно работеше на пробивање на патните правци кон Михајлово, Страгово, Крњево, Бохула, Бојначиште, Гарниково и Чемерско. Местата каде што имаше наноси од снег се расчистуваа со фреза.

На скијачкиот центар Кожуф пак, снежната покривка поминува еден метар.

 

Ангел Данов